Мисајловски: СДСМ наскоро ќе бидат сменети како најнеспособната власт
Владо Мисајловски, поранешниот министер за транспорт и врски, упати жестоки критики на адреса на власта предводена од СДСМ во полето на капиталните инвестиции и проекти, каде нема нови потфати, а драстично се доцни и со изградбата на автопатите. Според Мисајловски големите ветувања не се воопшто исполнети и дека народото наскоро ќе ја смени оваа власт која е неспособна да го реализира тоа што го најавила.
„Полека навршува една година од новата ВЛАДА која за жал не започна ниту еден нов капитален инфраструктурен проект, ниту една нова инвестиција, ниту една позитивна економска или било каква значајна реформа за добробит на сите граѓани.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го остави проектот за автопатот Демир Капија – Смоквица во завршна фаза, односно преку 95% изграден автопат и остануваа уште неколку мали работи да се дозавршат. Но, оваа ВЛАДА не само што не го заврши автопатот во предвидениот рок, туку потпиша и нов анекс со нов рок и нов анекс за продолжување на надзорот до 28.02.2018 година. Рокот помина, АВТОПАТОТ СЕ УШТЕ НЕ Е ПУШТЕН ВО УПОТРЕБА.
Секој ден преку ширење лажна надеж и пропаганда сакаат да ги прикријат нивните ветувања од 600 километри нови автопати и стотици километри регионални патишта, но за жал тоа е една голема лага кон граѓаните.
Народот започнува да ја гледа негрижата за нашите национални интереси и погубната политика на секое поле што ја води оваа ВЛАДА предводена од СДСМ, а поради таквиот однос набрзо ќе бидат сменети од власт како најслаба и најнеспособна влада во историјата на Македонија.
Еден пријател ми спомна дека ВМРО ДПМНЕ е политичкиот џин во Македонија кој сега е повреден и нападнат со повеќе копја, клекнат на колена и со наведната глава, но јас тука ќе додадам – иако е нападнат и навистина потклекнат, во тој момент ја собира својата храброст, се опоравува и се исправа со крената глава и тргнува во нови победи, победи во сите сектори за навистина подобар живот за сите граѓани“, напиша Мисајловски на социјалните мрежи.
