Минитерство за здравствo: Вработените во угостителството треба да ги заштитиме од пушачите
Предлог-законот за заштита од пушење не е удар по угостителството, туку заштита на правото на здраво работно место, велат од Министерството за здравство во денешното соопштение.
Предлог-законот за заштита од пушењето, подготвен од Министерството за здравство, предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, во согласност со европските стандарди и препораките на Светската здравствена организација.
Со ова се воспоставува јасно и универзално правило кое ги штити сите граѓани, без исклучоци и без сиви зони, сметаат од таму.
- Според јавноздравствените стандарди, пушењето е личен избор, но заедничкиот затворен простор не смее да биде место каде тој избор се претвора во ризик за здравјето на другите. Законот не уредува дали некој ќе пуши, туку јасно определува каде тоа не смее да се практикува, со цел заштита на здравјето на сите присутни.
Квалитетот на воздухот во затворени простории е директно поврзан со здравствените исходи. Чистиот воздух значи помалку иритации на дишните патишта, помалку астматични напади и намален ризик од развој на хронични заболувања.
Предлог-законот ја третира изложеноста на тутунски чад како прашање на безбедност и здравје при работа, а не како прашање на животен стил. Во угостителските објекти, токму персоналот е најдолго и најинтензивно изложен на чад од цигари и други тутунски и никотински производи, поради што државата има јасна обврска да го заштити правото на вработените на здрава и безбедна работна средина, гласи соопштението на МЗ.
