Економија, финансии, бизнис

Контакт

Министерството за здравство плати речиси 1,8 милиони евра преку извршител, каматата за модуларни амбуланти достигна 52,6 отсто од долгот

Министерството за здравство плати речиси 1,8 милиони евра преку извршител, каматата за модуларни амбуланти достигна 52,6 отсто од долгот

Министерството за здравство на 22.05.2026 година преку извршителот Васко Блажевски платило речиси 1,8 милиони евра за трите модуларни амбуланти во Ѓорче Петров, Бутел и Ново Лисиче.

Станува збор за предмет во кој судовите ја утврдиле обврската за исплата за изведени градежни работи, по што доверителот повел извршна постапка. Најголемиот товар во наплатата е каматата, која достигнала 52,6 отсто од основниот долг.

Од Министерството за здравство за Фактор ги потврдуваат износите што биле наплатени.

„Во рамки на извршената наплата, основниот долг изнесува 71.980.569 денари, а каматата изнесува 37.887.009 денари. Покрај овие износи, наплатени се и трошоци и надоместоци поврзани со судската и извршната постапка во вкупен износ од 578.764 денари. Вкупно наплатениот износ изнесува 110.446.342 денари“, соопштуваат од МЗ.

Пресметано во евра, основниот долг е околу 1,17 милиони евра, каматата околу 616 илјади евра, а судските и извршните трошоци околу 9,4 илјади евра. Вкупната наплата изнесува околу 1,79 милиони евра.

Работите на трите модуларни амбуланти беа стопирани по трагедијата во модуларната болница во Тетово, каде што во пожар загинаа 14 лица. Објектите беа дел од проектот за замена на старите амбулантски бараки, а по трагедијата се отворија прашања за безбедноста, документацијата и начинот на реализација на модуларните здравствени објекти.

Од Министерството наведуваат дека наплатата е извршена врз основа на правосилни судски одлуки.

„Налогот за извршување е спроведен врз основа на правосилна и извршна судска одлука, односно пресуда на Основниот суд Скопје и пресуда на Апелациониот суд Скопје. Долгот произлегува од судски утврдена обврска за изведени градежни работи поврзани со времени објекти од амбулантско-поликлиничка здравствена дејност, реализирани во рамки на активностите на Проектната единица на Министерството за здравство“, велат од МЗ.

Во одговорот се наведува дека доверителот повел постапка за присилна наплата преку извршител откако судската одлука станала правосилна и извршна.

Проектот за модуларните амбуланти беше дел од поширокиот пакет модуларни здравствени објекти од ковид-периодот. Трите амбуланти во Ѓорче Петров, Бутел и Ново Лисиче беа поврзани со замена на стари објекти од амбулантско-поликлиничка дејност, но по запирањето на активностите следуваше спор околу исплатата.

Долгот произлегува од судски утврдена обврска за изведени градежни работи поврзани со времени објекти од амбулантско-поликлиничка здравствена дејност, реализирани во рамки на активностите на Проектната единица на Министерството за здравство. 
До присилна наплата дошло поради тоа што доверителот, по правосилноста и извршноста на судската одлука, повел постапка за извршување преку надлежен извршител. Во таква постапка Министерството за здравство, како должник во предметот, е должно да постапи согласно правосилната и извршна судска одлука и налогот за извршување.
Министерството за здравство ќе ја анализира целокупната документација и околностите поврзани со предметот и, во рамките на своите законски надлежности, ќе преземе соодветни активности доколку се утврди потреба за натамошно постапување.

Како доверител во предметот се јавува Друштвото за технички прегледи, испитување и анализа ЕНЕРЏИ МЕИНТЕНЕНС СОЛУШНС ЕМС ДОО Скопје. Посочуваат од МЗ

Со последната наплата, основниот долг е платен заедно со камата што изнесува повеќе од половина од главната обврска. Предметот што во 2023 година беше воден како неплатен долг сега завршил со извршување од сметките на Министерството.


Филип Костов

Слично

Поврзани вести