Економија, финансии, бизнис

Контакт

Министерството за здравство и ЗНМ денеска за вакцинација на новинарите: Ќе има ли посебни списоци за медиумските работници?

Министерството за здравство и ЗНМ денеска за вакцинација на новинарите: Ќе има ли посебни списоци за медиумските работници?

По вчерашниот официјален старт на вакцинацијата во Македонија со здравствените работници кои работат директно со ковид-пациенти, денеска се очекува да се одржи работниот состанок меѓу Министерството за здравство и Здружението на новинарите на Македонија. Како што претходно за Фактор изјави претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, на средбата треба да се утврди динамиката за вакцинација и на новинарите и медиумските работници кои од прилика се вкупно околу 3.000 луѓе.

Чадиковски смета дека и оваа група треба да биде во приоритетните сектори за имунизација, особено поради фактот што во сиот изминат период на кризата со корона епидемијата во Македонија, новинарите, снимателите, фоторепортерите беа изложени на ризик од заразата поради природата на работата.

-Се одеше на терен, се снимаше во студија, комуникацијата со премногу соговорници никогаш не престана. Новинарите и останатите медиумски работници постојано се со луѓе заради што сметам дека заслужуваат да бидат вакцинирани веднаш по здравствените работници и нашата повозрасна популација граѓани. на средбата ќе разговараме за процесот и динамиката и ќе утаначиме како сето ова да се преточи во една практика. Дали ќе има посебни списоци, дали ќе се регистрираме во системот за вакцинација, за сите сите овие прашања ќе разговараме во Министерството за здравство, вели Чадиковски за Фактор.

Тој нагласи дека би можело да се направи и класификација на оние кои би требало први да отидат, но, како што вели, бидејчи станува збор за не многу голем број, имунизацијата на новинарите со првата доза би можела да се реализира во недела-две.

-Најважно е да стигнат поголеми количини од најавените вакцини, истакнува Чадиковски.

Инаку во соседна Србија, веднаш со започнувањето на масовната вакцинација на 19 јануари, беа опфатени сите медиумски работници и тие сега веќе ја примаат и втората доза од вакцината.

Кај нас, според Националниот план за имунизација против Ковид-19, во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Анита Буховски

ФОТО/ORLANDO SIERRA | AFP via Getty Images

Слично

Поврзани вести