Министерството за транспорт и врски се всели во реновираната барокна зграда
По повеќе од десет години во туѓи простории, Министерството за транспорт и врски конечно се всели во својата реновирана зграда на плоштадот Филип Втори во близина на Камениот мост.
Пред три и пол години завршија сите активности за реконструкција и доградба на објектот. Според надлежните, техничкиот прием и вселувањето не можеа да се извршат до сега поради мораториумот на Деталниот урбанистички план во чии рамки е зградата и чекање на одлуката на Уставен суд околу тоа. Потоа се спроведуваше тендерската процедура за преселбата.
Инаку, реновирањето на зградата на Министерството за транспорт и врски почна кон крајот на 2011 година. За изведувач на работите беше избран скопски „Бетон“, кој реконструкцијата требаше да ја заврши за една година, но таа се оддолжи на околу пет години, до средината на 2017 година, со образложение дека се појавиле проблеми со статиката и темелите на објектот.
Освен барокната фасада, со која сосема го смени ликот, со реконструкцијата објектот доби и два нови ката, со што површината од 2.800 се зголеми на 4.580 квадратни метри. Во внатрешноста на стариот дел на објектот се реновирани канцелариите, ходниците и салите за состаноци. Речиси двојно зголемената површина ќе се искористи на тој начин што во објектот освен Министерството за транспорт и врски ќе се вселат и Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, Државниот инспекторат за транспорт, Државниот комунален инспекторат и Агенцијата за сигурност во железничкиот систем.
