Министерството за образование препорача наставата да продолжи онлајн кога ќе има дојави за бомби
Основните и средните училишта добиле препораки од Министерството за образование и наука во деновите кога ќе добијат заканувачка порака за поставена експлозивна направа, наставата да ја продолжат онлајн.
Во насоките на ресорното министерство на учениците би им се дало време од еден час да се вратат дома по што наставата би продолжила преку интернет со цел да не се изгубат преголем број на часови.
Информациите велат дека и родителите добиле порака во која се бара од нив да ги проверат профилите на своите деца на тимс платформата на која онлајн настава се следеше и за време на пандемијата од корона вирусот.
Во насоките на МОН имало и упатства за користење на електронските адреси и насоки за зајакнување на контролата за влез и излез во училиштата.
