Министерството за финансии даде одговор за исплатите кон невладиниот сектор
Денеска извршена е исплата од страна на Агенцијата за млади и спорт согласно планираниот буџет кон спортски федерации и клубови, како и за учество на меѓународни натпревари од околу 26,4 милиони денари, информираа од Министерството за финансии.
За оваа цел најголем дел од средствата согласно закон се обезбедуваат од приредување на посебните игри на среќа и истите се користат за финансирање на спортот, за спортските федерации и клубови.
„На ист начин се обезбедуваат и средствата кои Министерството за труд и социјална политика ги исплаќа на Црвениот Крст, кои исто така спаѓаат во ставката трансфери кон НВО и се редовни исплати. Во текот на вчерашниот ден исплатени се 500 илјади денари за оваа намена. Што се однесува на останатите средства - 525 илјади денари, станува збор за исплата која Агенцијата за заштита и спасување ја извршила кон Противпожарниот сојуз. Целта на ова соопштение е да се појаснат информациите кои излегуваат во јавноста, а во кои се наведуваат како спорни исплатите кон НВО. Станува збор за редовни трансфери, во овој случај кон спортските федерации, Црвен Крст и кон Противпожарниот сојуз“ - велат од Министерството за финансии.
Предходно од ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека пред избори милиони евра се префрлени од Владата на невладини организации и бараа одговори.Тие обвинија дека СДСМ не запира да ги финансира невладините со пари од граѓаните.
