Економија, финансии, бизнис

Контакт

МИНИСТЕРСТВОТО НА ГРУБИ ВРАБОТУВА ДУРИ 166 ЛУЃЕ - помлади соработници за лекторирање и унапредување, од нив 128 ќе бидат Македонци

МИНИСТЕРСТВОТО НА ГРУБИ ВРАБОТУВА ДУРИ 166 ЛУЃЕ - помлади соработници за лекторирање и унапредување, од нив 128 ќе бидат Македонци

Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи првиот вицепремиер Артан Груби од редовите на ДУИ, вработува дури 166 лица.

Огласот е објавен денеска на веб страницата на Агенцијата за администрација.

Притоа, како што стои во огласот, се бараат два профили на кадри, и за секој од овие видови на вработувања ќе се вработат по 83 лица. 

Сите овие нови 166 вработени кое во еден ден ќе добијат решение за вработување во Министерството на Груби, ќе имаат плати од по нешто над 22 илјади денари.

Првиот вид на вработувања каде ќе дојдат 83 лица, се помлади соработници за унапредување на употребата на јазиците на етничките заедници.. 

Потребните квалификации се со вишо образование, или ниво на квалификациите VI Б според Македонската рамка на квалификации и стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС или високо образование, односно завршен VII/1 степен, Правни науки, Економски науки или Образование.

Како што стои во огласот, тие може и да немаат работно искуство во струката, односно да бидат „со или без работно искуство во струката“. 

Од посебни работбни компетенции треба да имаат активно познавање на компјутерски програми за канцелариско работење и активно познавање на еден од трите најчесто користени јазици на Европската унија (англиски, француски, германски)

Паричен нето износ на плата која ќе ја земаат изнесува 22.020 денари.
Притоа, се напоменува дека согласно годишниот план на институцијата за правичната застапеност, 64 од овие нови вработувања треба да бидат Македонци, осуммина Албанци, седум Срби, двајца Власи и двајца од други националности.

Вториот профил на кадри што се бараат, пак, и каде ќе влезат исто така 83 лица, се помлади соработници за превод, лекторирање и редакција, во Одделението за превод. Како посебни услови се најавуваат ниво на квалификациите VI Б според Македонската рамка на квалификации и стекнати најмалку 180 кредити според ЕКТС или завршен VII/1 степен, Наука за јазикот (лингвистика), Политички науки или Информатика.

И овие вработени не мора да имаат работно искуство во струката. Ќе земаат нето плата од 22.020 денари. 

И тука се планира да се вработат 64 Македонци, осум Албанци, пет Срби еден Влав и петмина од другите националности. 

Инаку, Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците ги врши работите што се однесуваат на: функционирање на политичкиот систем, обезбедување и координација на поддршка на Владата во реализација на стратешкиот приоритет поврзан со обврските кои произлегуваат од Рамковниот договор, обезбедување на координација и усогласување на работата на органите на државната управа за спроведување на Рамковниот договор, унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците... 

Во Буџетот за оваа година на Министерството на Груби е наведено дека има 1.427 вработени.

Се очекува Министерството да објасни зошто се потребни овие 166 нови вработувања. 

Претпоставка е дека се брза да се примат вработени, од кои можеби и дел биле таму ангажирани со договори на дело, се додека тоа го дозволуваат законите, бидејќи потоа настапува предизборната забрана.

Инаку, на почетокот на јануари годинава Министерството за политички систем се всели во ниова зграда, која ја изгради АД за станбен простор, а Владата ја купи за 14 милиони евра. 

Тогаш функционерите од ДУИ се собраа во новата зграда да му организираат и родендеска прослчава на партискиот лидер Али Ахмети, за што доживеаја сериозни критики дека не носат маски во време на критична состојба на пандемијата со коронавирусот.

Нина Нинеска-Фиданоска 

Слично

Поврзани вести