Министерство за здравство ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за смртта на новороденчето
Вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, а потоа и стручен надзор иницирал министерот за здравство Азир Алиу во врска со починатото новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство.
- Министерството за здравство во врска со случајот со починатото новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство најпрво изразува сочувство до родителите. Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницираше вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по што ќе следи и стручен надзор.
Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со Инспекторатот ќе постапат професионално, стручно и транспарентно, со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект - соопштија денеска од Министерството.
Оттаму замолуваат во овие тешки моменти за семејството да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход, со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
- Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи.
Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивање на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана - се додава во соопштението.
