Министерство за одбрана: ВМРО-ДПМНЕ нема право да се исмева за гумите
Откако опозицијата во комичен контекст ја претстави набавката на нови гуми од страна на власта за армиските возила како „голем успех“, со реакција се јави Министерството за одбрана, од каде што велат дека ВМРО-ДПМНЕ нема право да се исмева.
„ВМРО-ДПМНЕ нека не се грижи за АРМ. Ако толку им беше грижа, имаа време од десет години да ја опремат, осовременат и да ја модернизираат одбраната. Но, за време на нивното владеење единственото нешто за што им беше грижа беше како да ја засилат полицијата за да може да изградат бедем околу нивната криминална влада, незаконски да прислушуваат, да следат и да заплашуваат.
Ние објавуваме за набавки на гуми за армиските возила и за обувки за војниците токму затоа што во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ такви набавки не се ни вршеле. Таква состојба наследивме, оттаму и почнавме“, велат од министерството.
Од таму велат дека буџетот на одбраната е зголемен за 15 проценти, ги зголемиле платите за 10 проценти, а идната година за уште 5 проценти, го вратиле плаќањето на дежурствата.
- Од безнадежен случај, земјата за една година ја доведовме на прагот на НАТО. Што направивте вие господа додека бевте на власт?, прашуваат од таму.
