Министерство за култура: Оштетен е ѕид и покрив на куќата на Владо Малески во Струга
Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и покрив на куќата на Владо Малески во Струга,
споменик заштитен како културно наследство, информира Министерството за култура и туризам.
Додаваат дека при увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект. НУ Завод и музеј – Охрид го доставил наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување. Од Министерството велат дека инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година.
„Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава“, велат од Министерството.
Владо Малески (5 септември 1919 – 23 септември 1984) е истакнат македонски писател,
општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската
химна „Денес над Македонија“. Роден е во Струга.
фото Фејсбук
