„Министерства без ресор - врв на партискиот бесмисол во кој живееме“ - остри критика за 'пренатрупаната кадровска витрина'
Остри реакции во јавноста по изборот на новиот министер без ресор.
Најголем дел од реакциите не се насочени кон самиот министер, туку кон фактот што Македонија, како мала и сиромашна земја си дозволува да има многу министерства, па дури и министерство без ресор.
- Го разбирате апсурдот се надевам.
Ај што имаме куп министерства во еден прцул држава која има население колку помал град, ама ова со министерства без ресор е врв на партискиот бесмисол во кој живееме - напиша професорката Мирјана Најчевска, која важи за чест критичар на случувањата во земјава, на социјалните мрежи.
Најчевска не беше единствената која го критикуваше изборот на минстерот без ресор.
Истото го направија и од опозициската Левица, од каде се осврнаа и на фактот дека има премногу министерства, но и на „злоупотребата“ на турското малцинство во земјава.
Според нив, Владата го употребува турското етничко малцинство како украс во пренатрупаната кадровска витрина, додека Турците повторно се сведуваат на статист во претставата во која “нивните“ функционери ги земаат аплаузите, функциите и парите. Мицкоски им понуди министер без ресор како функционер без министерство и причина за постоење, а тие, како да им останало единствено сетилото за мирис на парите, заслепени исклучиво од личниот лукративен интерес, веднаш прифатија.
