Министерот Асаф Адеми денеска положува венец пред споменикот на Гоце Делчев во Софија
Македонскиот премиер Зоран Заев денеска ќе се сретне со претседателот на бугарската влада Бојко Борисов во Софија. Главна тема на состанокот најверојатно ќе бидат преговорите за заедничко одбележување на празниците и историските личности, со оглед на тоа што во делегацијата на Заев од македонската Влада е најавен само уште министерот за култура Асаф Адеми.
Според официјалната агенда што ја објави прес-службата на бугарската Влада, Борисов и Заев ќе разговараат за соработката во различни сектори, проекти во сферата на инфраструктурата и транспортот, како и досегашните исполнувања од Договорот за добрососедство од 2017-та.
Инаку Адеми заедно со бугарскиот колега Боил Банов ќе положат венец пред споменикот на Гоце Делчев во Борисовата градина по повод 147-годишнината од раѓањето на деецот. Потоа двајцата ќе ја потпишат програмата за соработка во културата.
