МИНИСТЕРКАТА ТРЕНЧЕВСКА ОДГОВОРИ НА ПРАТЕНИЧКИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ: Уредно се поканети да присуствуваат за настанот за жените во политиката
Министерството за труд и социјална политика за утре организира конференција насловена како „Жени во политика - Говор на омраза, сенка која обесхрабрува“, а што е по повод започнување на караван со цел зајакнување на жените „Гласна и храбра“.
Од Минисерството за труд и социјала ги поканија медиумите да го проследат настанот, а ја објавија и агендата, односно на настанот ќе говорат, покрај Тренчевска, и Килијан Вал, амбасадор на ОБСЕ во Северна Македонија, Росана Дуџиак, постојана координаторка на Обединетите нации, Исмаил Камбери, претседател на Комисијата за спречување и дискриминација, потоа Славјанка Петровска, министерка за одбрана, Бисера Костадиновска Стојчевска, министерка за култура - Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието на Република Северна Македонија, Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Санела Шкријељ, пратеничка, Моника Зајкова, пратеничка, Арбана Пашоли, пратеничка, како и Љубица Јанчева, координаторка на советничката група во Советот на Град Скопје.
Пратенички од пратеничката група од ВМРО-ДПМНЕ се обратија до министерката.
„Загрижени сме и револтирани затоа што во програмата на самата конференција, во ниту еден модул, ниту една пратеничка од опозицијата не е поканета како панелистка или говорничка. Тоа, за жал, јасно упатува на заклучокот дека организаторите не сакаат ни да слушнат, а камоли да прифатат поинакво мислење од нивното“, напишаа пратеничките од опозициската партија.
„Во врска со реакцијата на пратеничките на ВМРО ДПМНЕ, сакам да ја информирам јавноста дека жени пратенички не само од оваа партија туку и пратенички од други партии се дел од настанот организиран на 1 март организиран од страна на Министерството за труд и социјална политика. Дел од нив со соодветни пораки за говор против омраза кон жени во политиката учествуваат и во промотивното видео за настанот кое ќе виде прикажано на отворањето на настанот, а кое јавноста ќе има прилика да го види утре. Останатите пратенички се уредно поканети да присуствуваат на настанот“, се вели во известувањето од министерката Тренчовска.
