Министерката Тренчевска доживеала сообраќајка, повреден службениот возач
Вчера попладне на експресниот пат Штип – Радовиш се случила сообраќајна несреќа меѓу две возила, од кои во едното, владин автомобил марка шкода, се превезувала министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.
Со Тренчевска се превезувала и една вработена во нејзиниот кабинет, а повреден е владиниот возач Г.А., констатирал лекар од Итната медицинска помош Штип.
Нема повредени во другото возило марка фолкваген пасат со швајцарски национални ознаки кое било управувано од 48-годишниот М.Ј. од село Мокриево, Општина Ново Село, кој, како што информира СВР Штип, бил со четири сопатници во возилото.
„На 5 јануари 2024 во 17.28 часот во СВР Штип е пријавено дека на патот Штип- Радовиш во близина на село Лакавица, штипско, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко моторно возило шкода со скопски регистарски ознаки, сопственост на Владата на Република Северна Македонија, управувано од 53-годишниот Г.А. од Скопје, во кое се превезувала министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и Н.Д. вработена вонејзиниот кабинет“, наведува СВР Штип.
До сега не се пријавени повреди од друго лице. Увид на местото извршиле увидна екипа на СВР Штип и јавен обвинител.
