Министерката која го водеше ВМРО-МВРО ја обвини СДСМ за партизација
Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска позната по тоа што во прислушкуваните разговори кажува како поставила партиски штаб во седиштето на „ВМРО-МВРО“ од каде воделе изборна кампања, сега најде доблест да ја критикува СДСМ дека вршела партизација на МВР.
- Дојде до целосна политизација на МВР со строго партиски кадри од редовите на СДСМ, а за сметка на тоа она што е основна работа на Министерството е ставено сосема на страна и веќе подолго време имаме катастрофална состојба во областа на јавниот ред и мир, како и во областа на заштита на животот и имотот граѓаните, фрапантни податоци во делот на сообраќајот. Секаде каде што новото раководство во МВР треба да покаже резултати, резултатите изостануваат – рече Јанкулоска во интервју за ТВ Алфа.
Во однос на СЈО таа смета дека со продолжувањето со работа и по истекот на рокот Катица Јанева и нејзиниот тим прават злоупотреби и го прекршуваат законот, верувајќи дека, според неа, ќе бидат заштитени однадвор.
Јанкулоска е меѓу раководните лица на ВМРО-ДПМНЕ со најмногу обвиненија од СЈО, но судот одби да и изрече мерка притвор туку само и го задржа пасошот.