Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мини одморот не е доволен – колку дена се потребни за да ги „наполниме батериите“?

Мини одморот не е доволен – колку дена се потребни за да ги „наполниме батериите“?

Подолг одмор е подобар за да можат работниците да ги „наполнат батериите“ и да се вртат одморени на работа, што ќе придонесе за поголема продуктивност. Со ова се сложуваат граѓаните, психолозите, но и научниците со различни истражувања докажале дека подолг одмор е подобар за работниците. Ако поминете барем една недела надвор од местото на живеење, тоа ќе придонесе да се релаксирате и да се чувствувате подобро. 

„Моето гледиште лично и искуствено е дека одморот е рестартирање на организмот и би се случил доколку се прават активности кои се рутински и се повторуваат. За исполнет и активен одмор, организмот се одмора само ако се прават активности кои се повторуваат. Тоа одење на плажа, таа рутина, тоа му дава одмор на телото и на умот. Само на таков начин се постигнува мир, сталоженост, со самото седење на плажа, седење на брегот, слушање на звуците. Тоа е ефектот од одењето на одмор. Не мора да е тоа одење на езеро, море, може и да е престој на планина. Повторувачки активности и на таков начин телото почнува да се опушта. Ако постојано сме во некое движење, нашиот мозок не се одмора“, вели Наташа Дамјановска, психолог.

Таа вели дека првите два-три дена од одморот, се период на адаптација, а потоа се навикнуваме на средината и почнуваме да се релаксираме. Но, како што додава психологот, сепак секој поединец различно го осмислува и организира одморот.

„Се согласувам дека подолг одмор е подобар. Јас би одморала и еден месец. Би одела на патување, подалеку, каде било само за да се одморам. Мини одмор е повеќе замор отколку одмор“, вели младата Викторија Трајковска, граѓанка.

Друга жена додава дека една недела е сосема доволна за работникот да се одмори.

„Една недела е доволно да трае одморот, а повеќе од тоа станува здодевно каде и да сте отидени“, рече Драгица П, граѓанка.

Но, има и луѓе кои почесто одат на мини одмори со цел да прошетаат на повеќе места во текот на една летна сезона.

„Мини одмор мене ми е најубав. Ја сакам мини одмори. Три дена мене ми се доволни, но одам на повеќе дестинации. Одам на една дестинација, па ќе помине малку време, па одам на друга. Ем да прошетам, да видам нешто повеќе на различни места“, рече Снежана И. граѓанка.

Нова студија објавена во списанието Journal of Applied Psychology открива дека одморот не го подобрува само расположението во моментот – туку има и долготрајни придобивки од зголемена продуктивност до подобра концентрација. Студијата покажа дека не е пресудно само дали земате одмор, туку и како го поминувате. Оние кои навистина се исклучиле од работата за време на одморот имале најголемо подобрување во општата благосостојба.

Истражувачите од Универзитетот „Радбоуд“ во Нијмеген, Холандија, ги истражувале ефектите и влијанието на должината на одморот врз здравјето и благосостојбата на луѓето, по што истакнаа дека одморот треба да трае подолго од осум дена. Но, има интересен момент кај зачестеноста на одморите. Во студијата учествувале 54 лица кои имале просечна возраст од 42,5 години и сите биле вработени. Ова истражување се фокусирало на подолг одмор, од 15 до 34 дена, со просек од 23 дена. Учесниците пред, три или четирипати за време и петпати после одморот, го оценувале своето здравје и благостојба, врз основа на шест фактори: здравствена состојба, замор, задоволство, расположение, напнатост и ниво на енергија. Во експериментот е утврдено дека здравјето и благостојбата брзо се зголемуваат за време на одморот, а осмиот ден е врвот. Според Евростат скоро половина од Македонците не можат да си дозволат еднонеделен одмор. Највисок процент на луѓе кои не можат да си дозволат еднонеделен годишен одмор е забележан во Романија (58,6 отсто), во Грција (46 отсто) и во Бугарија (41,4 отсто). Спротивно на тоа, само 8,9 отсто од луѓето во Луксембург, 11,6 отсто во Шведска и 13 отсто  во Холандија, не можат да си дозволат еднонеделен одмор. 

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести