МИНАТАТА НЕДЕЛА - Само 38 отсто од заболените имале контакт со потврден случај
Што покажува Извештајот на Институтот за јавно здравје од 17 до 23 август.
Еден од заклучоците е дека има намалување на бројот на новопотврдени и процентот на позитивни од тестирани, а најголем дел од регистрираните се од Скопје.
Министерството за здравство информира дека согласно извештајот, во овој период се направени 11.129 тестирања на вирусот SARS-CoV-2. Регистрирани сe вкупно 839 нови позитивни случаи од 29 градови во државата и намалување од 7 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=281; 33,5 отсто). Во овој период, бројот на новопотврдени случаи е под 20 лица, во 16 града во земјата.
Процентот на позитивни од тестирани изнесува 7,5 отсто, што претставува намалување од 0,3 отсто во однос на претходната недела. Овој индикатор и натаму покажува тренд на намалување, во однос на претходните недели кога истиот се движи од 10 отсто, 9,4 отсто, 8,6 отсто и 7,8 отсто.
Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=807; 96,2%), регистрирани се 119 (14,7%) хоспитализирани, а кај 239 (29,8%) лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број нови случаи, 307 (38,3%) имаат контакт со потврден случај. Регистрирани се 29 лица со историја на патување во последни 14 дена.
Пријавени се 19 смртни случаи од шест градови или два повеќе во однос на претходната недела и сите се на возраст над 60 години. Од нив, 16 биле хоспитализирани, а три лица починале во вонболнички услови. Коморбидитети се регистрирани кај 16 починати лица.
Деталните извештаи на Институтот за јавно здравје за состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија – 17-23.08.2020, како и кумулативна состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се достапни на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk.
