Милошоски со жив штит бранет да не биде тргнат од говорница
Опозицијата во Собранието ги продолжува несогласувањата со спикерот Талат Џафери, особено за расправата за разрешување на јавниот обвинител Марко Зврлевски бидејќи како што велат веќе се распишани локалните избори и за такво нешто нема законски основ.
Откако Антонио Милошоски побара збор за процедурална забелешка спикерот Џафери побара тој да ја напушти говорницата за да не го активира обезбедувањето да го отстрани. Ваквиот потег ги налути пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои ја опколија говорницата и со „жив штит“ спречија таква интервенција. Џафери побара да ја напуштат салата и за да ја смири тензијата повика на 10 минутна пауза.
Пратениците на ВМРО ДПМНЕ испратија писмо до Државната комисија за спречување на корупција, за таа да се произнесе дали треба да продолжи седницата, бидејќи се распишани локалните избори, а Џафери рече дека Собранието работи по Уставот и Деловникот и дека испратеното барање до Државната комисија за спречување на корупција не е пречка за негова работа.
Мнозинството вели дека нема да оди на годишен одмор се додека не се заврши седницата за разрешување на Зврлевски кој пак, опозицијата од ВМРО-ДПМНЕ грчевито се бори да го заштити.