Милошоски: Приговорот на ЕСМ ја отвора можноста за продолжување на истрагата за скандалот „Мазут“
Антонио Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, денеска изјави дека приговорот од Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) е доказ дека обвинителката Катерина Коларевиќ постапила непрофесионално во случајот „Мазут“, кој се однесува на набавки на мазут за ТЕЦ Неготино во вредност од 167 милиони евра. Според него, Ислам Абази ја потврдил контроверзната одлука за прекин на истрагата.
– Приговорот на ЕСМ укажува дека истрагата водена од Коларевиќ била претежно паушална и дел од доказите за кривичната одговорност биле неосновано изземени, што служело како оправдување за прекинување на постапката, рече Милошоски.
Тој додаде дека приговорот на ЕСМ обезбедува правна можност за преиспитување и корекција на решението за скандалот, додавајќи дека продолжувањето на истрагата е неопходно за да се обезбеди еднаквост пред законот.
– Обвинителството треба да ја искористи оваа нова околност за да ја продолжи истрагата и да се осигура дека нема повластени бизнис или политички партнери. Секој за кого постои основан сомнеж за незаконско дејствување мора да одговара пред судот, истакна Милошоски.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) претходно ја запре истрагата за случајот „Мазут“ поради непостоење на докази дека осомничените сториле кривични дела.
