Милошоски: Претседателот Иванов е мудар човек, секое зло за добро е!
„Претседателот Иванов е мудар човек, а секое зло е за добро“, напиша пратеникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ Антонијо Милошоски, индиректно коментирајќи го на Фејсбук денешното доделување на мандат од страна на шефот на државата на Заев.
„Секое зло за добро!
Што не било, што не поминало.
Македонија доживеала и надживеала и потешки товари на историјата. И ова ќе помине.
А ние ќе посведочиме и ќе работиме тоа што поскоро да се случи! Посветени, упорни, достоинствени и сплотени.
Претседателот Иванов е мудар човек!
Да живее Македонија!“, пишува Милошоски.
Претходно од партијата на ВМРО ДПМНЕ коментирајќи го врачувањето на мандатот велат дека „добивањето на мандатот е само затруен плод на затруено дрво, политичкиот отпор и протестите резултираа со неопходните гаранции“.
„Вложените напори за заштита на државните и национални интереси вродија со плод. Политичкиот отпор на ВМРО-ДПМНЕ и 80 дневните најдолги и најмасовни протести на стотици илјади граѓани низ целата држава резултираа со неопходните гаранции дека нема да се наруши унитарниот карактер на мултиетничка Македонија. Огромен придонес во тоа имаше и Претседателот Ѓорге Иванов кој со својот принципиелен став не отстапи и се бореше да обезбеди сигурност дека иднината на земјата нема да се крои врз основа на туѓи декларации или платформи“, коментираат од ВМРО ДПМНЕ.
