Милошоски пак закажа собраниска комисија за Бугарија: Вели, поканетите министри ќе се чувствуваат безбедно
Пратеникот Антонио Милошоски ја закажал синоќа Комисијата за надворешна политика за во четврток во 11 часот. Соопшти дека темата е Македонија-Бугарија, и за таа, како што вели, граѓаните со право очекуваат плодна дискусија и јасен став по ова битно прашање.
„Затоа сметам дека пратениците во Собранието, заедно со владата, мора да утврдат заеднички став и национални црвени линии наспроти меморандумот на Бугарија, кој претставува историски анахронизам, спротивен на европските повелби за човекови права. Достоинството и самобитноста на македонскиот народ е европска културна, книжевна и јазична вредност и затоа ЕУ треба да отвори преговори за членство без дополнителни уцени, вели Милошоски.

Ова е втор обид да се состане Комисијата за надворешна политика и на неа да присуствуваат владини претставници. На минатата, вицепремиерот Никола Димитров одби да присуствува со образложение дека Комисијата е на затворено, а сега има зголемен број на новозаразени.
Милошоски вели дека сега е сигурен дека на седницата ќе се спроведат и почитуваат сите здравствени протоколи, за да можат поканетите министри да се чувствуваат сигурно.
Претходно тој жестоко го нападна Димитров, затоа што не отиде во Собранието и го нараче размазениот министер.