Милошоски очекува в недела поразениот да му честита на победникот
Носителот на кандидатската листа за пратеници од владејачката ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 5, Антонио Милошоски денеска во Битола изјави дека во недела очекува мирни и достоинствени избори после кои поразениот ќе му подаде рака на победникот и ќе му честита на цивилизиран начин.
Милошоски вели дека изборите не се избори што ќе го определат животот и иднината на Македонија во следните четири години, туку дека на 11 декември ќе гласаме и за тоа каква Македонија сакаме да имаме во следните 40 години, унитарна, сплотена, напредна и развиена Република Македонија.
„Издржавме две тешки години на наметната криза, криза што му пречеше на секој граѓанин, криза која ни забави две години од развојот и проектите што ги работевме, но ќе продолжиме да ги работиме. Народот е мудар, народот е свесен, народот е зрел и за разлика од другите наши политички опоненти, ние имаме едно правило – народот е секогаш во право. Колку повеќе ја негираш волјата на народот толку повеќе ќе бидеш принуден истата да ја признаеш и со неа се соочиш“ - вели Милошоски.
Вети отворање на нови 70.000 работни места, изградба на автопати, училишта, болници и друго.
