Милошоски обвинува дека се следат кандидатите за градоначалници на ВМРО ДПМНЕ
Македонија се соочува со избори во кои што се загрозени основните демократски процеси.
Ова обвинување денеска кон опонентската партија го насочи Антонијо Милошоски од ВМРО ДПМНЕ кој ги повика ОБСЕ и ОДИХР да внесат повеќе напори во набљудувањето на изборниот процес.
„Нема општина која што влегла во вториот круг на гласање, а да не се следени активистите на ВМРО-ДПМНЕ на Коалицијата „За подобра Македонија“, кандидатите за градоначалници или нивни соработници, или претседатели на општински комитети. На пример, во општина Росоман десетина наши активисти се следени, на дневна основа, истите пријавиле уредно во полиција дека се следени и дека им се закануваат, пријавиле со име и презиме кои луѓе им се закануваат, но полицијата не реагира. На денот на избори во недела кандидатот и претседател на ОО на СДС биле пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, а целта била да се испровоцира инцидент, создавана е тензија, испратени се навреди, провокации, нашите активисти пријавиле во полицијата, но нема никаква интервенција сеуште. Присебноста на дел од луѓето овозможило она што се случувало во Росоман, акцијата за предизвикување на инцидент пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ да не прерасне во поголем конфликт“, изјави Милошоски. Тој обвинува дека „ова се избори каде што сеуште со сеење и со закани се атакува на ограничувањето на основното право на граѓанинот, а тоа е правото на слободен избор“.
