Милошоски: Неуставниот избор на Џафери е прв тежок преседан во историјата на Македонија
Неуставниот, незаконскиот и нелогичниот избор на Талат Џафери е прв ваков тежок преседан во историјата на Македонија, изјави денеска на прес- конференција пред Парламентот пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Вели дека овој преседан значи погазување на процедурата и правото, само да се задоволат нечии политички, лични или партиски амбиции.
„Политичките партии без разлика дали се во опозиција или на власт, треба да имаат принципи. Тие треба да се засновани на Уставот, законот и Деловникот, доколку сакаме Македонија да биде стабилна држава која може да напредува и да работи во интерес на граѓаните. Секој чекор кој оди во насока на демонстрирање на политичко насилие, без притоа да се почитуваат овие принципи, само ќе ја одолговлекуваат политичката криза, а тоа не е во интерес на државата и граѓаните“ - кажа Милошоски.
Додава дека Коалицијата „За подобра Македонија“ и сите нејзини пратеници многу единствено и едногласно дошле до овие заклучоци. Пратеникот вели дека треба да ги штитат интересите на граѓаните, затоа што како политичка партија постoјат за народот со приоритети, односно за интересот, стабилноста и напредокот во рамките на стабилна, унитарна и просперитетна Македонија.
