Економија, финансии, бизнис

Контакт

Милијардери против милијардери: Дел од најбогатите Американци велат – престанете да се жалите и платете данок

Милијардери против милијардери: Дел од најбогатите Американци велат – престанете да се жалите и платете данок

Извршниот директор на „Нвидија“, Џенсен Хуанг, чие богатство се проценува на околу 200 милијарди долари, неодамна беше прашан за предлогот во Калифорнија за воведување данок на богатство, кој вознемири дел од американските милијардери.

Неговиот одговор беше смирен: дека тоа е во ред и дека никогаш сериозно не размислувал за проблемот.

Во САД растат тензиите околу обидите на демократски водени сојузни држави и градови да воведат повисоки даноци за најбогатите. Дел од технолошките милијардери од Силициумската долина, меѓу кои Сергеј Брин и Питер Тил, трошат милиони долари за да го спречат калифорнискиот предлог за данок на богатство. Финансиерот Кен Грифин, пак, го нарече „срамно“ користењето на неговиот луксузен пентхаус во Менхетен како визуелна позадина во видеото на градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, со кое се промовира данок на луксузни втори домови.

Но, Хуанг претставува друга група меѓу супербогатите – оние кои сметаат дека нивните колеги треба да престанат да се жалат и едноставно да ги платат даноците. Според него, плаќањето данок е начин да се врати нешто назад во општеството. Тој дури се пошегувал дека парите би можеле да се искористат за поправка на конкретна дупка на автопатот Route 101.

Слична позиција има и милијардерот Том Стајер, кој кампањата за гувернер на Калифорнија ја гради токму врз идејата за повисоки даноци за луѓе како него. Неговата порака е дека тој е „милијардерот кој сака да ги оданочи другите милијардери“.

CNN оценува дека милијардерите не се единствен блок. Поделбата меѓу нив открива политички и генерациски разлики, но и различен однос кон улогата на државата. Постари милијардери како Ворен Бафет и Бил Гејтс со години поддржуваат повисоки даноци за најбогатите како дел од граѓанската одговорност. Дел од помладите технолошки претприемачи, особено оние со либертаријански ставови, сметаат дека владата не е ефикасна во решавање на проблемите и дека тие самите можат подобро да ги распределат своите пари.

Историчарката Кимберли Филипс-Фајн од Универзитетот Колумбија вели дека богатите луѓе и во минатото се чувствувале лично нападнати од владините политики, но дека сегашниот момент изгледа поинаку. Според неа, Грифин, Стивен Рот и други го доживуваат данокот како симбол на политички антагонизам кон богатите.

Сепак, CNN посочува дека ваквите даноци врз богатството или врз луксузните втори домови не би го промениле фундаментално американскиот даночен систем. Проблемот, според критичарите на актуелниот систем, е што даноците главно ги погодуваат луѓето со високи плати, а не секогаш оние со најголемо богатство. Според истражување на ProPublica што го цитира CNN, богатството на 25-те најголеми американски милијардери пораснало за 401 милијарда долари од 2014 до 2018 година, но тие платиле федерален данок на доход со ефективна стапка од само 3,4 отсто.

Професорката Реј Мадоф од Boston College Law School вели дека САД живеат во систем кој силно ги оптоварува луѓето што заработуваат плата, додека најбогатите имаат многу поповолна позиција. Таа нагласува дека богатството на многу милијардери не доаѓа од плата, туку од растот на вредноста на акции, имот и други средства. Многу директори, како Марк Закерберг или Илон Маск, формално земаат симболична плата од еден долар или воопшто немаат класична плата.

Најголемиот дел од нивното богатство најчесто доаѓа од растот на акциите што ги поседуваат. Таквите добивки често се оданочуваат пониско од платите, а данокот може да се одложува со години ако акциите не се продадат. Мадоф оценува дека во сегашниот систем плаќањето данок на капитална добивка за најбогатите во голема мера станало „опционално“.

Сепак, ваквите даноци носат и ризици. Ако поединечни сојузни држави воведат агресивни даночни политики, богатите можат да се преселат или да ги преместат своите компании во држави со пониски даноци. Дополнителен проблем е што даноците на богатство се тешки за администрирање, бидејќи уметнички дела, недвижности и сложени деловни структури тешко се проценуваат.

CNN потсетува дека во 1990 година 12 земји имале даноци на богатство, но до 2024 година такви даноци останале само во три земји. Некои држави, како Шведска, ги укинале за да станат поконкурентни, додека Франција се соочила со заминување на дел од супербогатите и нивниот капитал во други земји.

Затоа, според Мадоф, оданочувањето на најбогатите најдобро се спроведува на федерално, а не на државно ниво, бидејќи сојузните држави меѓусебно се натпреваруваат за богатите жители и инвеститорите.

Фото: Принтскрин/Икс

Слично

Поврзани вести