Милијарда денари за подобрување на животот во селата
Со повеќе од 1 милијарда денари, ќе бидат поддржани 134 општински инфраструктурни проекти во 72 општини, а преку Програмата за рурален развој. Ова , посочуваат надлежните, е највисока поддршка досега за локалната самоуправа по обем и квалификации.
Најавено е дека ќе се даваат пари за проекти што ќе го подобрат животот во руралните средини.
„Покрај тоа што веќе финансираме 134 проекти, од програмата за 2013-та година истовремено ја започнавме работата на новите програми кои ќе следуваат од 2014-та година па натаму. Во почетната фаза се собираат мислења од релевантните институции, ќе бидат консултирани и општините, со цел да се направи уште една квалитетна програма како што беше и оваа“, појасни денеска владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Притоа посочи тој, сите 72 општини што аплицирале добиле поддршка за зајмалку еден проект, а некои општини и за по два или три проекти. 20 отсто од средствата се очекува да бидат авансно исплатени до крајот на годината, информираше директорот на Платежната агенција Тони Димовски, а останатите по реализација на проектите во 2014 и 2015 година.
На објавениот повик за мерките пристигнале вкупно 174 барања за финансиска поддршка.
„Проектите главно опфаќаат инвестиции во изградба на локална патна инфраструктура, вклучително и мостови, поврзување две или повеќе села во должина до пет километри, поврзување села со регионален пат или населено место во должина од седум километри, водоснабдителни и канализациски системи во села до 1.500 жители, вложувања во објект за продажба на земјоделски производи и добиток, изработување урбанистички планови, изградба и реконструкција на селски улици во должина од еден километар, плоштади и шеталишта во рурални средини, патишта до излетнички места и нивно уредување, како и означување културни и природни знаменитости“, рече Димовски.
Слично
