Милениумскиот крст ќе се уредува за 1,1 милиони евра
Компанијата „Турбоинжинеринг“ победи на тендерот за реконструкција и доградба на Милениумскиот крст, што го распиша ЈСП Скопје. Оваа фирма за 1,1 милиони евра во рок од 9 месеци треба да ги заврши работите - заштита на крстот од кородирање, осветлување, довод и одвод на вода, промена на лифтот, пречистителна станица за прочистување на отпадната вода.
На тендерот, „Турбоинжинеринг“ го победи конкурентот скопски „Бетон“, кој исто така беше заинтересиран да ја изврши доградбата. Во првичните понуди на тендерот, понудата на „Бетон“ беше пониска, но на јавното наддавање „Турбоинжинеринг“ понудил да ја заврши работата за околу 50 илјади евра помалку.
Тендерот за доизградба на овој објект ЈСП го распиша во декември откако претходно од Градот Скопје го презеде правото за стопанисување со Милениумскиот крст. Тендерот на два пати беше и продолжуван, на барање на фирмите заинтересирани за учество.
Во меѓуревеме, од ЈСП информираат дека за еден месец ќе започне да работи ресторанот во приземјето на Милениумскиот крст.
„Додека не се донесе водата од новиот бунар, ќе се работи со техничка вода. Изведбата на ресторанот е при крај, а со него ќе стопанисува сопственикот на ресторанот „Воденица“, Стојан Филиповски“, изјави Мишо Николов, директор на ЈСП.
На локацијата е предвидена да се гради и црква со конаци, по идејното решение на архитектот Јован Стефановски - Жан, кој е автор и на проектот за Милениумскиот крст на Водно.
Слично
