МИЛЕНИКОТ НА ПАЗАРОТ ОД ТРИГЛАВ ДО ГЕВГЕЛИЈА СО ВРТОГЛАВ ПАД НА ДОБИВКАТА: Како „Краш“ изгуби 7 милиони евра
„Краш Група“ од Загреб оствари нето добивка од 120.000 евра во првите девет месеци од оваа година, што е за 7 милиони евра помалку во однос на истиот период минатата година, соопшти компанијата денес.
Во тој период, консолидираните вкупни приходи изнесуваа 141 милион евра, што претставува раст од 3,7 проценти во споредба со истиот период во 2023 година.
Во исто време, вкупните консолидирани расходи изнесуваа 140,8 милиони евра, што е за 10,7 проценти повеќе од минатата година, додека обемот на продажба достигна 25.655 тони. EBITDA изнесуваше 8,1 милиони евра, додека маржата на EBITDA беше 6,4 проценти, соопшти компанијата.
„Финансиските показатели за третиот квартал одразуваат период на зголемени трошоци, првенствено поради зголемувањето на цената на какаото во претходниот период. Сегашната стабилизација на берзите сè уште не се одразува на набавните цени поради претходно договорените количини и постојните залихи, но и покрај ова, покажуваме сила преку флексибилноста на нашето портфолио. Производството на три групи кондиторски производи и внимателно осмислените инвестиции овозможуваат стабилност и зачувување на довербата на потрошувачите“, нагласи претседателот на Управниот одбор на Краш, Томислав Багиќ.
