Милен Врабевски: Во Преспа во Албанија кажуваат дека се Македонци, но јас сепак ги помагам
Бугарскиот бизнисмен и филантроп Милен Врабевски за бугарскиот БГНЕС во денешниот разговор вели дека го помага населението кое живее во Мала Преспа во Албанија, иако како што вели тој, таму „и натаму жителите тврдат дека се Македонци и живеат во екстремна сиромаштија“.
„Сите аплицираат за бугарско државјанство. Некои се прават дека се Македонци, но тоа не е важно во случајов за мене. Следната недела им купувам противпожарно возило, а потоа автомобил за социјална патрола- сосема нов џип 4х4, за да може да се користи во овој непристапен регион кој до неодамна беше целосно изолиран од светот“, вели основачот на фондацијата „Бугарска памет“
Во моментов тој им помага на медицинските лица во Македонија обезбедувајќи им заштитна облека и маски за да се справат со пандемијата на коронавирус. Со негова помош, лекарите и медицински сестри од Делчево и Струмица можат да се чувствуваат заштитени.
„Наспроти ова, некако нелогична антибугарска кампања во регионот доаѓа во истиот момент кога успеавме да ги отвориме вратите кон нив во вистинската насока, т.е. да си дадеме шанса за вистинско зближување. Тие се приклучија кон НАТО, се приближија кон патот кон Европската унија и одеднаш имаше блокада “, рече тој, додавајќи дека ова повторно се користи за да се идентификува Бугарија како виновник на силите што не сакаат приближување.
„Моја работа е да и помогнам на државата, особено таму каде што нема сили да се направат некои работи. На пример, во последните 30 години недостасува автопат, медиуми и услуги. Нешто исклучително важно за политиката таму. Затоа моја работа е да извршувам функции кои потсетуваат како треба да функционира еден систем “, рече Врабевски.
