МИЛЕ ЗЕЧЕВИЌ: Кога се качувавме накај врвот, заборавивме кој ни помогнал додека стигнеме дотаму
Миле Зечевиќ, поранершен организациски секретар на СДСМ и долгогодишен партиски член, кој одлучи да не се кандидира за лидер, вели дека непосредните избори за прв човек на партијата, покажуваат колку силен демократски капацитет има таа.
„Кога се качуваме накај планината забораваме на оние кои што тргнале со нас по патот додека стигнеме до врвот. И тоа е едно лошо правило. Најважно е внатрешната организација да ја направиш врз принципи каде што ќе го почитуваш секој поединец и нема да заборавиш кој ти помогнал и на каков начин. Имавме плејада на луѓе кои застанаа зад политиките на СДСМ во 2013 година и претходно се до 2017 година. Кога се презема власта во една тешка и специфична ситуација, се два проблеми. Во оперативните капацитети мора да покажете апсолутно нешто што им е потребно на граѓаните. Граѓаните може не ги разбираат клучните придобивки од НАТО и ЕУ. Но ние се компарираме, сакаме квалитетен живот, добри улици, квалитетна храна, да живееме во еден простор кој личи и приличи на европско живеење“, рече Зечевиќ.
Според него има клучни моменти и мора да се дефинира јасно и прецизно што треба да се постигне.
„Владините прашања се една работа, но луѓето бараат конкретни дејствија. И ако оперативно не ги ставите во една партиска програма која ќе им се предочи на граѓаните, ќе мора да има и реализација за да може луѓето да видат дека влегувате и работите во нивен интерес. Не можете да одите кај народот и паушално да ветувате“, дециден е Зечевиќ.
На прашањето дали е фер што лидерот на СДСМ Зоран Заев застанал зад еден од кандидатите за нов лидер на партијата, Зечевиќ рече:
„Не е исклучок и во другите политички партии лидерот да го избере својот наследник односно кандидатот за наследник за кој смета дека најмногу ќе придонесе за зачувување на она што значи партиско единство и претпоставувам дека господинот Заев од повеќе аспекти ги оценил и проценил сите идни ситуации и застанал позади кандидатот Димитар Ковачевски“, одговори Зечевиќ.
