Миланов: Имаме потврди дека Камчев не може да ги издржи условите во притвор
Еленко Миланов, адвокатот на Орце Камчев, по денешното отворање на рочиштето за случајот „Плацеви на Водно“ рече дека до судот се доставени потврди дека бизнисменот не може здравствено да ги издржи условите во притворот во Шуто Оризари.
„Здравствената состојба е потврдена од четири институции со медицински докази и потврди од сите кардиполози кои укажуваат на многу висок ризик од условите во кои се наоѓа и дека може да има страшни последици по неговото здравје“, рече Миланов.
Обвинителката Лиле Стафанова на денешното рочиште за случајот “Плацевите на Водно” во воведниот збор рече дека поранешниот премиер Никола Груевски го купил имотот, меѓу кој и плацевите на Водно, со партиски пари, а таму сакал да гради куќа во барок.
- Кога тогашниот премиер Никола Груевски дознал за земјиштето, а не му се испуштало, влегол во потрага по начин како земјиштето да се купи, да не се запише на негово име, а после мандатот да си гради по веќе изготвениот проект, куќа во барок.
Побарал помош од Сашо Мијалков, тогашен прв човек на УБК и негов прв братучед. Мијалков започнува со помагање, иако знае дека Груевски нелегално се стекнал со 1,2 милиони евра. Тука се вкчучува и Ненад Јосифовиќ кој барал офшор фирма, која ќе може да се јави како купувач. Јосифовиќ, сопственик на ваква фирма во Белизе, ги дава документите, ги носат во канцеларијата Чукич и Марков и ја регистрираат фирмата Сирах инженеринг во Македонија. За управител бил поставен Ристо Новачевски. Немало непроверени лица во оваа работа, само проверени, рекла обвинителката Стефанова, како што пренесува „Фокус“.
Стафанова додаде дека Обвинителството со доказите добиени преку меѓународна помош ќе докаже дека Орка Холдинг испраќа пари на Сирах, а од оваа компанија парите одат на офшор компанија во Панама, каде сопственици се Камчев и Јосифовиќ, кои истиот ден се враќат во Орка. Овој имот и денес е на Груевски, а останатите обвинети до денес го прикриваат овој имот, рече Стефанова. За да се стигне до оваа цел, како што вели таа, се злоупотребувале сите институции во државата. Од Министерството за транспорт и врски до банки, истакна обвинителката Стефанова.
По рочиштето Миланов рече дека нема економски докази дека трансакциите се вршеле преку оф-шор компании за купување на овој имот.
„Ги пуштил како прв парите во промет, но не се исполнети законските докази. Трансакциите немаат економско вештачење. Сите средства во купување на овие удели се од деловното работење“, додаде Миланов.
Ѕвонко Давидовиќ, адвокатот на обвинетиот Сашо Мијалков, по рочиштето за медиумите рече дека одбраната се уште ги нема видено доказите.
„Треба да прашате врз што се темели обвинението. Зборувам за Сашо Мијалков. Не може да ја докаже својата умисла дека некој друг незаконски стекнал пари, па да не му предложи оф-шор компанија. Дури нема ни правна, нема ни човечка логика. На еден поранешен министер за финансии и премиер не му е потребен некој на кој ќе му се понуди оф-шор компанија. Обвинението е буквално исконструирано за мојот клиент. Нема обезбедување докази за одбраната, бидејќи не сме ги слушнале ниту сведоците. Никој не знае што има во тие докази. Тие докази се доставени дури денес, но не се на јазикот на кој се зборува во Република Македонија“, рече Давидовиќ.
