Економија, финансии, бизнис

Контакт

Миладиновски: ЕУ не е магично стапче, а младите не се иселуваат само заради европско државјанство

Миладиновски:  ЕУ не е магично стапче, а младите не се иселуваат само заради европско државјанство

Датумот за преговори со ЕУ треба да претставува награда за заложбата која ја дадоа младите во склоп на движењата кои донесоа промените во Македонија, вели Славко Миладиновски, член на ЏЕФ Македонија за тоа дали датум за преговори ќе донесе поместувања кон подобро за младите.

Сепак, Самиот датум за почеток на пристапните преговори не значи ништо, додава Миладиновски.

„Самиот процес на преговарање е далеку  позначаен. Во текот на преговарачкиот процес, Владата ќе треба да испорача реформи чијашто имплементација ќе биде под будното око на институциите и земјите-членки на ЕУ, со зголемувањето на притисокот и грижата однадвор.  Европската Унија не е магично стапче. Дополнително, младите не се иселуваат од Република Македонија само за да добијат европско државјанство. Всушност, во „Студијата за млади во Република Македонија 2013“ на Фондацијата Фридрих Еберт  се наведува дека половина од младите размислуваат за напуштање на државата, а главна причина  за тоа е потрага по подобра финансиска состојба. Дотолку повеќе, во студијата е наведено дека младите сакаат да студираат надвор Македонија, најчесто во државите-членки  на ЕУ бидејќи веруваат дека членството ќе донесе економски и политички прогрес во државата.  Оттука, македонските власти ќе треба да работат на достигнување на стандардите на Унијата по овие прашања, а со тоа би се зголемила мотивацијата на младите да останат во Македонија“- вели тој.

Секоја земја-членка е посебен случај и придобивките и загубите доаѓаат исклучиво од подготвеноста на државите членки, вели Миладиновски.

„Би го посочил развојот на ИТ компаниите во Романија и Бугарија, знаењата на младите од областа на ИТ технологијата и познавањето на англиски, германски и француски како и слободниот пристап до пазарот на Унијата се наведуваат како клучни за префрлањето на компаниите во овие две држави. Сепак би напоменал дека користењето на можностите кои ги отвора членството во ЕУ зависи исклучиво од подготвеноста на Македонија да ги искористи“- додава Миладиновски.

Голем дел од младите својата иднина не ја гледаат во Македонија. Над 49 отсто од младите размислуваат за иселување. Овие податоци се поразителни, ако се земе в предвид дека 25 отсто од вкупната популација во државата се млади. Од земјава 110 лекари си заминале за четири месеци. „Одливот на мозоци“ засега не запира. 

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести