Мила душо наша, ангел наш: Градоначалникот на Штип емотивно се прости со девојката што си го одзеде животот
Градоначалникот на Штип кардиологот Сашко Николов емотивно се прости од девојката која вчера си го одзеде животот. Таа имаше само 22 години, била исклучителна личност, медицинска сестра која несебично помагала на сите и на пациенти и на познаници особено сега во пандемијата.
„Мила душо наша, ангел наш, почивај во мир. Каратистка, вредна медицинска сестра, прекрасна личност..., напиша Николов.
Полицијата вчера потврди дека е пронајдена мртва 22 годишна девојка утрината во штипското село Аргулица. Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова изјави дека во 9.20 часот полицијата добила повик од Итната медицинска помош за пронајдено женско тело во семејна плевна. На ова самоубиство му претходеше друго претходниот ден, кога на локалитетот Баргала мртов беше пронајден 25-годишник. Првичните сознанија се дека двете самоубиства се поврзани односно тие двајцата биле во љубовна врска која не била дозволена.
Мештаните од селото за локалните медиуми велат дека девојката била мирна и вредна, а постојано им помагала доколку им била потребна медицинска помош, бидејќи работела во штипското Инфективно одделение како медицинска сестра, особено сега во пандемијата. Наводно, покрај телото на девојката е пронајдено и проштално писмо.
