Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мијалков не сака бомби со приватни разговори во „Тортура“

Мијалков не сака бомби со приватни разговори во „Тортура“

Поранешниот директор на ДБК, Сашо Мијалков, преку својата одбрана побара да не се објавуваат незаконски прислушуваните разговори.на судењето за случајот „Тортура“ со бруталното апсење на Љубе Бошковски, бидејќи во нив имало и приватни сегменти.

Адвокатот на обвинетите, Љупчо Шврговски, побара јавноста да биде исклучена од судењето бидејќи во снимките поднесени како доказ од страна на обвинителството имало содржина од приватниот живот на првообвинетиот Сашо Мијалков.

Шврговски исто така побара еден од разговорите воопшто и да не се пушта бидејќи нема никаква поврзаност со случајот, а се загрозува приватниот живот на обвинетиот и неговиот соговорник во тој разговор, кој засега е непознат.

На ова, обвинителот Љубомир Лапе од СЈО рече дека приговорот на одбраната бил за четвртиот разговор, а не за првиот, и оти тогаш треба да реагираат, а не анблок за сите разговори.

Во снимката што беше пуштена се слуша како Латас му вика на Мијалков да биде уапсен Бошковски во кафеана и да биде влечен на под. Мијалков го нарекува Љубе „лудак“ и додава „се бореше кучето“.

По пуштениот разговор, адвокатот Шврговски повторно реагираше дека во снимката има политичка конотација и приватен разговор и оти се прави театар за јавноста. Тој упорно бара да не се слушаат снимките.

Шврговски за ова барање се повика на меѓународното право и европската судска пракса каде, како што кажа, од снимени разговори се пуштаат само оние што се во интерес на постапката.

Сепак, судот не го прифати барањето на одбраната и повеќето од „бомбите“ во врска со овој случај ќе се слушаат со присуство на јавноста. По одбиеното барање, во судницата беше пуштен разговор меѓу обвинетиот Мијалков и Драган Павловиќ-Латас, кој веќе се знае во јавноста.

Во случајот „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и 6 припадници на единицата „Алфи“ за вршење тортура при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски.


Слично

Поврзани вести