Мијалков, Јанакиески и Божиновски излегоа, а за Атанасовски уште една „тура“ притвор
Додека екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков и поранешните владини функционери Миле Јанакиески и Кирил Божиновски пред Нова година беа ослободени од истражниот затвор Шутка и се преселија во куќен притвор, Кривичниот суд на Владимир Атанасовски денеска му го продолжи притворот за нови 30 дена.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција го осомнични поранешниот прв човек на УБК за кривичното дело „здружување заради непријателска дејност“, откако на минатогодишните рочишта на судењето за настаните од 27 април, дел од обвинетите го посочија како организатор на насилниот упад во Собранието, заедно со други лица.
Стефан и Михаил Младеновски, браќата кои сведочеа против него, пак добија амнестија со законската можност пред Нова година и не се повеќе обвинети за упадот во Собранието на 27 април.
Владимир Атанасовски на чело на УБК застана на крајот на 2016 година, кога од функцијата замина тогашниот директор, Сашо Мијалков, кој пак, два дена пред нова година беше пуштен во куќен притвор.
