МИГРАЦИЈА СЕЛО-ГРАД ИЛИ ГРАД-СЕЛО: Што е она што најчесто го бираат македонските граѓани?
Македонските граѓани и натаму повеќе сакаат од рурална да заминат во урбана средина. Ова го покажуваат податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) за 2024 година. Помал е бројот на луѓето кои од град ќе отидат да живеат на село. Овој тренд трае подолго време во Македонија. Луѓето се преселуваат во градовите за да имаат подобри услови за работа, за образување на децата, и општо поради повеќе можности.
„Луѓето од Самоков се селат во Скопје. За 10 дена се иселија 4 фамилии. Се иселуваат поради децата и за подобар стандард. Во Македонски Брод мештаните не се селат, затоа што градот не е перспективен. Нема работа во градот. Ни во Прилеп не одат, далеку им е. Последните 10 години нема некој обратно да направил, само бегаат жителите, а враќање назад нема. Во селото нема што да прават, и штом децата се запишуваат во средно, се снаоѓаат. Имаше некоја стагнација, а сега пак почнаа да се селат. Еден човек во пет години ако се врати од пензионерите преку лето да седи тука, но во зима си заминува. Пензионерите сезонски само седат во селото. Намален е бројот на жители и ќе се намалува најверојатно. Сиромаштијата е проблем“, вели Горан Ристески, жител на селото Самоков.
Во текот на 2024 година, од град во село во Вардарскиот регион заминале да живеат 98 луѓе, а обратното го сториле 219 луѓе. Во Источниот регион од град во село отишле 115 луѓе, а од село во град се преселиле 320 луѓе. Во Југозападниот дел на Македонија, од село во град се преселиле 359 луѓе, а од град во село отишле 176 луѓе. Податоците на Државниот завод за статистика(ДЗС) покажуваат дека во Југоисточниот регион од село во град се преселиле 192 луѓе, а од град во село мигрирале 95 жители. Во Пелагонискиот регион од село во град животот го продолжиле 306 луѓе, а обратно направиле 88 луѓе. Што се однесува до Полошкиот регион, таму во 2024 година од село во град се преселиле 266 луѓе, а од град во село мигрирале 129 жители. Селото го замениле со град 50 жители на североисточниот регион, а градот со село само 28 луѓе. Во Скопскиот регион, миграција село-град направиле 21 човек, а од град во село отишле да живеат само 18 луѓе. Инаку, постојано читаме во медиумите дека и европските села бараат нови жители со различни мерки за стимулација. Такви села има во Италија, Шпанија и на други места на европскиот континент.
Сања Атанасовска