Економија, финансии, бизнис

Контакт

Мицкоски: Ако дозволи јавноста, повторно ќе го изгласаме Законот за легализација

Мицкоски: Ако дозволи јавноста, повторно ќе го изгласаме Законот за легализација

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во синоќешното гостување во емисијата „360 Степени“ на Алсат ТВ рече дека најголемата опозициска партија повторно заедно со владеачкото мнозинство ќе го изгласа Законот за легализација во Собранието, како што вели тој, доколку јавноста го дозволи тоа.

- Ние сме народна партија, првиот закон кој што беше донесен од владата на ВМРО-ДПМНЕ заврши на 3 март 2011-та година. Имаме 120.000 управни постапки кои што не се завршени, кои што инаку треба утре да ги рушиме, рече Мицкоски и додаде дека тоа е во интерес на народот.

Владата не се откажува од закон за легализирање на дивоградбите, но е подготвена да се направат одредени измени по реакциите во јавноста. Според првичните најави, во законот се предлага да се вметне одредба со која со легализацијата нема да бидат опфатени дивоградбите во заштитените подрачја. Со цел да се исправат спорните точки од законот, Владата отвара дебата во врска со предлог-законот за легализација на бесправно изградените градби. Овој закон е вратен во Собрание по одлуката на претседателот Стево Пендаровски да не го потпише Указот со кој овој закон требаше да стапи на сила. 

- Не тегнат за раце и не прашуваат кога ќе го донесеме. Јавноста е секогаш сензитивна по ова прашање. Патеката и иднината на овој закон треба да биде поинаква од тој што е сега. Нека дојдат луѓе нека кажат што треба да се смени и ако јавноста дозволи, тогаш зошто да не, одговори Мицкоски на прашањето дали опозицијата повторно би гласала позитивно заедно со власта.

Тој вели дека е манипулација тоа дека за едно евро ќе можат да се легализираат дивоградбите.

- Манипулација е дека ако јас сега изградам куќа покрај Мавровско Езеро и ако таа не е легална, дека јас ќе го користам овој закон сега за да ја легализирам. Прво, треба да добијам мислења од најмалку пет институции, за да дојдам до можноста да поднесам барање за да легализирам. И не е точно дека за едно евро ќе биде легализацијата, туку 150 отсто од вредноста на комуналиите плаќаат тие што ќе легализираат некаква доградба, тврди Мицкоски.


Слично

Поврзани вести