Мицотакис: Силјановска Давкова го прекрши договорот од Преспа
И грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис реагираше на говорот на инаугурацијата на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова, опишувајќи го како нелегален, провокативен и нелегитимен.
Ваквата реакција следи по одлуката на Сиљановска Давкова да го користи името Македонија за време на нејзината инаугурација во Собранието. Киријакос е последен во низата на оние кои се огласија со свој негативен коментар.
Грчкиот премиер ја повика новата претседателка „да се врати на законските должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога“, но и порача дека „секој чекор на Скопје кон Европа“, меѓу другото, зависи и од употребата на уставното име, јави дописничката на МИА од Атина.
-Провокативниот избор на новата претседателка на Северна Македонија да го прекрши официјалниот текст на заклетвата и да ја нарече земјата со различно име претставува нелегална и недозволива иницијатива. Чин кој го прекршува Договорот од Преспа и самиот устав на нејзината држава. Но и поткопување на иднината на државата, како што веќе изјавија претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, напиша грчкиот премиер во поширок текст на социјалните мрежи

Додаде дека Нова демократија како опозиција и гласаше против Договорот од Преспа и предупреди за проблемите што се создаваат, но посочи дека сега, како Влада, го почитуваат „грчкиот потпис на меѓународен договор, обврзувачки за земјата“.
-Грција ги отфрла начините на управување како овие со кои госпоѓа Силјановска го започнува својот мандат. Ја повикува да се врати на нејзините законски должности и на однесувањата кои произлегуваат од нејзината улога. Категорично изјавуваме дека нема да прифатиме вакви неприфатливи грешки. И повторуваме дека секој напредок во билатералните односи, како и секој чекор на Скопје кон Европа, зависат од искреното почитување на договореното. Од правилната употреба на уставното име на соседната држава. И, секако, од избегнувањето провокации, напиша Мицотакис на Фејсбук.
