Мицотакис го пријави Мицкоски кај НАТО сојузниците: Надвор го почитува договорот, ама дома не!
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис за време на прес-конференција за грчките медиуми на самитот на НАТО во Вашингтон откри дека премиерот Христијан Мицкоски на официјалните состаноци со сите лидери на НАТО зад затворени врати го користел уставното име.
Како што пренесува „Гласот на Америка“, на Мицотакис сепак не му се допаѓа тоа што Мицкоски за домашна употреба избегнува ерга-омнес и тоа, како што рекол, го пријавил како проблем пред НАТО сојузниците во Вашингтон.
Мицотакис рече дека ги информирал колегите во НАТО дека Мицкоски не го спроведува клучниот член од договорот од Преспа, а тоа е името Северна Македонија да го употребува ерга омнес, што значи внатре и надвор од државата.
„Имав можност да ги информирам моите колеги за фактот дека премиерот на Северна Македонија избра да не го спроведува клучниот член од договорот во врска со употребата на ерга омнес и неговата одлука да ја нарекува неговата држава Република Македонија дома, што очигледно е изречно забрането со договорот. Секако, сакам да истакнам дека во просторијата и во присуство на сите лидери на НАТО тој не ја следеше оваа тактика и го користеше уставното име на својата земја“, изјави Мицотакис.
Тој дополни дека Грција има и тајна стратегија како „да го принуди Мицкоски на добро однесување“, но „нема да го открие оружјето со кое располага за да одговори на тактиката на лидерството на соседната земја“.
Стејт департментот за „Гласот на Америка на македонски“, изјави дека е важно да се почитува преспанскиот договор одговарајќи на прашањето дали САД ќе разговараат со новата Влада по изјавите на Мицкоски на самитот на НАТО.
