Мицкоски: Згрозен сум од пресудата во Тетово
Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Владата истакна дека е згрозен од пресудата за случајот во Тетово, каде младата Теодора беше прегазена, а сторителот кој одзема млад човечки живот беше осуден на 2 години казна. Како што рече тој, тоа не е правда, туку целосно потфрлање на системот и побара јавно од Судскиот Совет да ја преразгледа работата на судијата.
„Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда“, порача премиерот.
Мицкоски додаде дека ова нема да биде „уште еден случај што ќе се затвори без одговорност“ и најави дека ќе го следи процесот одблиску до самиот крај.
„Лично ќе го следам и јас ви ветувам дека правдата ќе ја истераме до крај. Ова е моментот кога мораме да покажеме дека законите важат за сите. Затоа што можна следна жртва е секој еден од нас. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата“ порача Мицкоски.
