Мицкоски: Заев сака избори кога бројот на заболени се зголемува
Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, во своето гостување во Клан-дебата рече дека претседателот на СДСМ, Зоран Заев, бара избори во период кога бројот на заболени од коронавирусот се зголемува во Македонија.
„Имаше една изјава од директор на Центарот за јавно здравје кој рече дека треба две недели да имаме нула пациенти па потоа да зборуваме за избори, таа изјава како да исчезна. Еве сега пак надлежните велат бројката ни се зголемува, а од друга страна Заев вели ајде на избори. Може да замислите тогаш што ќе ни се случи ако има гласање, ќе се отворат штабовите, ќе почне кампања. Здравјето пред се и тоа е нешто што не се менува, а одлуките ги носиме по мислење на експертите. Не може да имате ограничување на движење два дена, а потоа да велите ајде одиме на избори“, рече Мицкоски.
Според лидерот на најголемата опозициска партија, треба да има период на транзиција и адаптација помеѓу вонредната состојба и парламентарните избори за граѓаните да можат со „чиста свест да донесат одлука пред гласањето“. Мицкоски дополнително смета дека и голем број на граѓани не би излегле на гласање поради страв да не се заразат.
„Ние цениме дека крајот на август, почетокот на септември можеби би биле добри дати за одржување на изборите од позиција на заштита на здравјето на граѓаните“, нагласи Мицкоски, кој смета дека СДСМ сака побрзи избори за да го искористи рејтингот на министерот за здравство Венко Филипче.
Тој додава дека треба да се остави време за граѓаните да може да ја „почувствуваат вистинската ситуација во која се наоѓа Македонија“.
