Мицкоски за Св.Кирил и Методиј: Нивното дело е поголемо од историски настан, тоа е победа на светлината над темнината
Премиерот Христијан Мицкоски порача дека делото на светите браќа Кирил и Методиј и денес носи силна и современа порака, дека секој народ има право на образование, култура, духовен израз и свој јазик.
Обраќајќи се на свечената академија „Од слово до вечност“, што се одржа во црквата Света Софија во Охрид по повод Денот на сесловенските просветители, Мицкоски изјави дека одбележувањето на делото на Кирил и Методиј не е само сеќавање на двајца просветители од деветтиот век, туку потсетник на цивилизациската идеја дека човекот е вистински слободен кога има право да мисли, учи, создава и да говори на свој јазик.
„Народ што не ја познава својата писменост и култура, лесно станува туѓ во сопствената историја. Тоа не е само историска поука, туку и современо предупредување“, порача премиерот.
Вели дека денес, одбележувајќи го делото на светите браќа Кирил и Методиј, ние не зборуваме само за двајца просветители од 9 век, туку зборуваме за темелот на една цивилизациска идеја- дека човекот е вистински слободен само тогаш кога има право да мисли, да учи, да создава и да говори на свој јазик.
„Затоа овој голем ден го одбележуваме преку пораката „Од слово до вечност“, која носи длабока смисла. Затоа што словото не е само напишан знак. Словото е паметење. Словото е идентитет. Словото е духовен дом на еден народ. Кога Константин Филозоф- Свети Кирил ја создавал глаголицата, а заедно со својот брат Методиј ја ширел просветителската мисија меѓу Словените, тие не создавале само писмо. Тие создавале можност цели народи да станат рамноправен дел од духовната и културна историја на Европа. Во едно време кога знаењето било привилегија на малкумина, тие испратиле порака која и денес е современа и моќна – дека секој народ има право на образование, на култура и на духовен израз на свој јазик. Токму затоа нивното дело е поголемо од историски настан. Тоа е победа на светлината над темнината. Победа на знаењето над покорувањето“, додаде Мицкоски.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
