Мицкоски за Шаќири: Заев нема право да го плаќа со пари на граѓаните
Лична работа на Заев е желбата да сака да му помогне и да се грижи за семејството на Џезаир Шакири, односно таканаречениот Командант Хоџа, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Двајцата делат иста идеологија и исти вредности. Сепак, тоа што се политички истомисленици и постигнале некаков меѓусебен договор, не му дава на Заев за право да го вработува на висока функција во владата и да го плаќа со пари на граѓаните“- вели во видео обраќање Мицкоски.
Тој вели дека ова е многу опасно.
„И суштинската дилема останува, доколку некој се дрзне да направи некое незаконско дело, нападне полиција или нешто слично, наместо да биде санкциониран добива место во Владата. Ова е случај каде се рушат вредности, а преседанот станува правило“- рече Мицкоски.
Воедно предупредувам дека одговорност мора да се понесе, и не толку далеку од сега ќе мора да дадат одговори за ваквото деструктивно однесување, порача Мицкоски.
Вработувањето на Шаќири поттикна многу полемики. Тој е поранешен припадник на ОНА.
