Mицкоски за Политика: Во овие триесет години имаме измени на Устав колку сите земји членки на ЕУ заедно
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за Политика вели дека нема гаранции дека ова ќе биде последната промена на Уставот.
Изјави дека ако промена на Уставот е услов за ЕУ, тогаш Македонија ќе беше членка и шампион на ЕУ, затоа што во овие триесет години имаме измени на Устав колку сите земји членки заедно. Мицкоски рече дека тоа го кажуваат јасно и гласно на нашите партнери од меѓународната заедница. Кажа дека партнерството е двонасочна улица која се базира на почитување.
Ја обвини нашата дипломатија дека не се изборила за подобри позиции и гаранции дека нема да има нови пречки за македонскиот евроинтегративен пат.
„Која е гаранцијата дека оваа промена на Устав која сега се бара од Македонија ќе биде последна? Дека нема утре да се бара промена на Устав во која ќе се редефинира прашања кои се од идентитетски карактер или нема да се бара ново минимизирање и бришење на АСНОМ како темел на македонската државност. Некои сигнали стигнуваат од Бугарија кои веќе отворено го негираат Илинденското востание и неговиот карактер и за ова повторно немаше никаква реакција од страна на Министерството за надворешни работи“, рече Мицкоски.
Тој ги повтори ветувањата дадени од ЕУ пред референдумот за Преспанскиот договор, посочувајќи дека институционалните гаранции на ЕУ треба да значат дека оваа, некоја идна влада, па и владата после неа ќе има конкретен таргет што треба да исполни.
