МИЦКОСКИ ЗА НОН ПЕЈПЕРОТ ОД ФРАНЦИЈА: Патот до членство во Европската Унија станува уште подолг
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека со нон-пејперот на Франција, патот до членство во Европската Унија станува уште подолг. Вели дека со нон-пејперот се покажува дека премиерот Зоран Заев ја извртувал вистината за тоа до каде се домашните реформи.
„Очигледно е дека нашите партнери од Европската Унија констатирале дека постојат двојни стандарди во сите овие земји-аспиранти кои сакаат да станат членки на Европската Унија, па велат – доколку отворите една група на поглавја, еве јас така би ги групирал, вие кога ќе ги затворите ќе треба да генерирате и понатаму вредности за тоа што сте ги затвориле. Доколку тие видат дека само формално ги затворате, а всушност не се придржувате на тоа што е договорено постои можност повторно да се навратите на таа група поглавја и тоа може да прерасне во една приказна којашто ќе нема крај“, рече Мицкоски.
И пратеникот Антонио Милошоски смета дека со овој нон пејпер, ќе треба да поминат 10 до 15 години до членство во ЕУ, откако ќе почнат преговорите.
5 страници има нон пејперот на Елисејската Палата со предлогот на Макрон за измени во процесот на пристапување на балканските земји во Европската Унија. Франција предлага постепено зачленување на земјите кандидати во однос на колку од предвидените задачи исполниле.