Мицкоски за екстрадиција на Груевски: Ако сега испратиме барање, ќе добиеме негативен одговор
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека екстрадицијата на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија е можна само доколку му биде одземен политичкиот азил.
Според него, сè додека Груевски има статус на азилант, евентуално барање за екстрадиција би било одбиено. Тој објасни дека пред да се испрати такво барање, потребно е да се спроведе постапка за укинување на азилот.
„Ако сега испратиме барање, ќе добиеме негативен одговор. Може да го испратиме кога било, но суштината е прво да се реши статусот на азил“, изјави Мицкоски.
Тој кажа дека не треба да се прават споредби со случајот на поранешни членови на владата на Полска, бидејќи тие немаат добиено азил.
Прашањето за екстрадицијата повторно се актуелизира по изјавите на новиот унгарски премиер Петар Маѓар, кој по изборната победа во Унгарија посочи дека државата нема да биде засолниште на пребегани криминалци.
Полска веќе испрати две писма до Будимпешта во кои бара екстрадиција на пребеганите политичари. Станува збор за бегалците Збигњев Зиобро и Марчин Романовски.Oд Министерството за правда соопштија дека за екс премиерот Никола Груевски досега е поднесено едно барање за екстрадиција на 20 ноември 2018 година, како и дополнување на барањето во јуни 2019 година.
СДСМ вчера тврдеше дека Груевски сега ќе бара азил во Русија и Белорусија.
Кога избега во Унгарија, Груевски тврдеше дека тоа го направил затоа што имал информации дека во затвор ќе му биде загрозена безбедноста.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
