Мицкоски за Борис Трајковски: Неговото лидерство беше водено од идејата за стабилна, демократска и европска Македонија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска се огласи по повод 22-годишнината од загинувањето на поранешниот претседател Борис Трајковски. Мицкоски истакна дека државата со почит се сеќава на човекот кој својата служба ја извршувал со достоинство и верба во иднината.
„Денес со длабока почит и благодарност се сеќаваме на човекот кој својата служба кон татковината ја извршуваше со достоинство, визија и непоколеблива верба во иднината на државата. Неговото лидерство беше водено од идејата за стабилна, демократска и европска Македонија, држава на соживот, разбирање и еднакви можности за сите“, наведе Мицкоски.
Тој додаде дека и по повеќе од две децении, обврската кон делото на Трајковски останува водилка за градење на државата со одговорност и единство.
„Борбата за подобра иднина не е само политичка определба, туку заедничка национална должност. Веруваме во Македонија. Веруваме во нејзиниот потенцијал, во нејзините граѓани и во нејзината европска перспектива. Слава му!“, напиша премиерот.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оддаде почит на претседателот Борис Трајковски и на членовите на македонската делегација кои загинаа во авионска несреќа во БиХ.Во знак на сеќавање и благодарност се поклонив пред вечните почивалишта на загинатите членови на делегацијата: Димка Илкова – Бошковиќ, Ристо Блажевски, Миле Крстевски, Марко Марковски и Бранко Ивановски на гробиштата „Бутел“ во Скопје.
Делегации им оддадоа почит и на Анита Кришан Лозановска на гробиштата во Велес, на Борис Велинов на гробиштата во населба Илинден и на Аце Божиновски на гробиштата во Бардовци“, напиша Сиљановска-Давкова.
Претседателот и неговите соработници загинаа во авионска несреќа кај Ротимље во БиХ.