Мицкоски: Во делот што зависи од Владата, нема да има покачување на струјата
Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека нема да има покачување на струјата во делот што зависи од Владата и од компаниите во кои државата е доминантен сопственик, по новинарско прашање за најавите за преиспитување на тарифните блокови за електрична енергија.
Одговарајќи на прашањето дали може да се очекуваат повисоки сметки за граѓаните кои досега биле опфатени со тарифните блокови, Мицкоски рече дека ова прашање треба да се упати до Регулаторната комисија за енергетика.
„Оној дел кој зависи од Владата и од компаниите во кои Владата е доминантен сопственик, нема да има покачување“, рече Мицкоски.
Изјавата беше дадена при пуштањето во употреба на реконструираниот дел од ГОБ „8 Септември“, каде премиерот одговараше и на други новинарски прашања.
Во однос на Законот за игри на среќа, Мицкоски рече дека Владата внимателно работела на законското решение, земајќи ги предвид повеќе параметри поврзани со оваа индустрија. Според него, целта е да се промени впечатокот дека казината стануваат доминантна појава во градовите.
„Градовите почнаа да ни наликуваат на градови каде што коцкарниците се главна индустрија. Тоа не личеше на ништо. Со овој закон ќе се стави крај на таа перцепција кај граѓаните“, рече премиерот.
Тој најави дека Владата ќе го разгледува и
прашањето со брзите кредити, бидејќи, како што посочи, во близина на казината често се отвораат канцеларии за вакви финансиски услуги.
Мицкоски беше прашан и за стопираната постапка за набавка на мазут. Тој рече дека со „неверување и шок“ ја примил веста и дека очекува АД ЕСМ, по добивањето на одлуката, да поднесе жалба.
Според него, предметот треба да биде вратен на повторно разгледување и анализа. Доколку тоа не се случи, како што оцени, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција би го довело во прашање својот кредибилитет.
Премиерот се осврна и на изјавите на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, поврзани со внесувањето на Бугарите во Уставот. Мицкоски оцени дека Филипче и раководството на СДСМ често излегуваат со ставови кои потоа повеќепати ги менуваат во јавноста.
