Мицкоски вети дека Владата ќе ги надомести штетите по силното невреме
Владата ќе ги надомести штетите по силното невреме кое вчера ја зафати Македонија.
Како што вети премиерот, Христијан Мицкоски, Владата има механизми за помош и никогаш нема да ги остави граѓаните сами да се снаоѓаат во вакви елементарни непогоди.
„Им благодарам на институциите и на градоначалниците што во текот на ноќта, веднаш по невремето што го зафати Скопје, беа на терен и заедно со надлежните институции ги санираа штетите. И денес ќе продолжат со активности, бидејќи станува збор за епско невреме. Подготвеноста и мотивацијата од нивна страна беа на високо ниво. Штетите ќе бидат констатирани и рефундирани“, изјави Мицкоски.
Невремето предизвикало најголеми штети токму на подрачјето на СВР Скопје. Во главниот град, според податоците евидентирани до 22:00 часот синоќа, регистрирани се: 117 оштетени патнички моторни возила (најчесто од паднати дрвја и предмети);
35 оштетени покриви на станбени и деловни објекти; 189 паднати дрвја низ скопските улици и паркови; 10 повредени лица кои веќе се медицински згрижени; 7 дефекти на семафори и 5 пријавени пожари предизвикани од невремето.
Во рок од два дена невреме имаше во Скопје, Куманово, Дојран, Струмица, Делчево и на други места.
Вчерашното силно невреме што ја зафати Македонија било проследено со ветер со јачина на ураган, соопшти Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), додавајќи дека се регистрирани удари и до 134 километри на час.
фото Фејсбук/Христијан Мицкоски
